Фамилијата на Ефрем Сантов во Кочани била една од постарите во градот и ја знаеле многу кочанчани. Семејството на Сантови се зголемува со Надежда Петрова, Велешанка, нивна снаа. Така во бракот на Ефтим и Надежда се раѓа првото дете на кое му го дале името Љупчо. Љупчо Ефремов Сантов е роден на 17 март 1921 година во Кочани. Детството, онака весело и разиграно со многубројните детски згоди и незгоди, го поминал во едно од најстарите маала во градот – Доклевец. Детството минувало, а малиот Љупчо растел, безгрижно со голема родителска љубов.

Во септември 1928 година родителите го запишале својот син во прво одделение. Основно училиште завршува во Кочани, а гимназија во Велес. Мошне млад се вклучува во напредното движење. Своите први политички и идеолошки определби ги доживува во велешката гимназија. Задоен од напредните идеи состаноците на литературната дружина најчесто ги претворал во дебатни состаноци на кои се дискутирало за напредното комунистичко движење.

Од учебната 1939 /40г. кога Љупчо го посетувал осмиот клас во гимназијата потекнува и неговото поактивно вклучување во партиската организација, а подоцна е член на Комунистичката партија на Југославија.

Непосредно пред војната се враќа во Кочани. Во април 1941г. со напредните младинци од градот организира демонстрации при доаѓањето на бугарската окупаторска војска, а подоцна учествува во формирањето на читалиштето “Искра” кое стана средиште на прогресивните младинци и симпатизери на народно-ослободителното движење.

Во учебната 1940/41г. Љупчо се запишал на Техничкиот факултет во Белград. Вклучувајќи се активно во напредното движење на Белградскиот универзитет во 1940г. тој го доживеал своето прво затворање, сослушување и измачување.

На 21 ноември 1942г. е затворен и задржан до 12 февруари 1943г., кога во Штип е изведен пред суд и осуден на една година затвор, условно.

По пуштањето од затвор, Љупчо уште поактивно се вклучува во работата  на партиската организација.

Во втората половина на март 1944г. по одлука на партиското раководство во Кочани, Љупчо сантов и Раде Кратовче од Вранинци одат на теренот на с.Главовица.Повеќе полицајци, војници и домашни предавници се упатуваат во с. Вранинци. Овде наидуваат на отпор од вооружената групаселани, на чело со Крум Митев – Вранински. По два дена потрага и терор над населението, полицијата влегува во трага на Љупчо Сантов и Раде Кратовче и се упатува кон селото Главовица. Го блокира селото и се упатува кон колибата во која се Љупчо и Раде. Се разгорува борба.

Јуначки загинува Љупчо Сантов на 23 март 1944г. во пазувите на Осогово.За патронот на нашето училиште е мал овој простор, но македонскиот народ овој македонски син и борец за слобода никогаш не ќе го заборави.